Основното Училиште Круме Кепески започнува со работа на први септември 1962 година. Од самите почетоци па до денес, училиштето никогаш не заборавило во својата основна функција да го негува и квалитетот во воспитувањето и образувањето на многуте генерации. За тоа сведочат генерациите кои го завршиле своето основно образование во Нашето училиште, а сега како возрасни луѓе даваат пример на поединци кои оставаат свој печат и во општеството, како квалитетни и докажани личности. Генерациски се настојувало сите наши ученици преку воспитно-образовниот процес, стекнатите вредности во училишните клупи, да ги пренесат надвор од нив во нивниот секојдневен живот. Со тоа веќе педесет години ја потврдуваме успешно, кинеската поговорка: „Учителите ти ја отвoраат вратата, но ти сам мораш да поминеш низ неа“.

Првото име на нашето училиште е „13 Ноември“ и е тесно поврзано со историскиот настан, пресуден за овој град. Имено, борците на Народно ослободителната војска кога го ослободувале Скопје, навлегле токму во месноста Кисела Вода на 13 ноември 1945 година. На ова место е подигната и чешма како вечен спомен за херојските подвизи на скопските илегалци и борците од Третата и Дванаесеттата македонска ударна бригада. На ова место пред педесет години се удрени и темелите на нашето училиште.
Од тогаш, па до денес, половина век трае одговорниот труд на генерации наставници и ученици кои успеваат без прекин да го издигнат наставно - воспитниот процес на високо ниво и училиштето да го вбројат во редот на истакнатите училишта во градот.
Првата генерација наставници броела вкупно 40 и изведувале настава за 1000 ученици. Бројот на учениците во текот на наредните години пораснал на 1400, така што училиштето се сретнало со проблемот на недостиг на работни простории.
Од 1976 до 1982 година во училиштето се изведени следниве градежни зафати: Изградба на дневен престој со три простории, модерна трпезарија и кујна, а завршена е и училишната зграда во населбата „Припор“.
Во 1993 година, училиштето го смени името во „Круме Кепески“.
Во периодот до 1997 година, училиштето брои 69 вработени, од кои 47 се наставници. Во овој период можат да се споменат некои големи градежни зафати: целосно малтерисување на внатрешниот дел на училиштето, целосно уредување на наставничката канцеларија, значително уредување на училишниот двор и спортските терени. Во овој период се оформи и компјутерската училница, се оспособи разгласната станица, се реактивираа сите наставни нагледни средства. Се возобнови мандолинскиот оркестар. Училишната библиотека се збогати со значителен фонд книги.
Во учебната 2003/2004 година со посебна акција на Советот на родители е извршено бојадисување и обновување на дрвенаријата. Во тоа време училиштето брои 51 наставник.
Во учебната 2004/2005 година посебно внимание се посвети на уредување на дворовите и во централното и во подрачното училиште. Поставена е нова ограда и врата на влезот. Исто така е уреден и кабинетот по информатика, а училишната библиотека е збогатена со лектирни изданија.
Во периодот до 2007/2008 во подрачното училиште се варосани сите училници и е извршена реконструкција на подот на една училница, а во централното училиште се варосани пет училници и фискултурната сала и се створени услови за почеток на учениците во прво одделение деветгодишно образование. Во тој временски период е извршена преадаптација на просторијата во која е сместена училишната библиотека.
Училиштето е збогатено со шест компјутери и еден печатач.
Следната учебна година по направената самоевалуација е изготвен Развоен план на училиштето. Во подрачното училиште со донација од Прокредит банка е обновена фасадата.
Во учебната 2009/1010 година се реновирани тоалетите во двете училишта, поставени се нови алуминиумски прозорци во три училници во целодневна настава и две влезни алуминиумски врати во централното училиште, реновирана е мини кујната, поставен е бекатон во училишниот двор - дел е донација од Цементарница УСЈЕ.
Учебните 2010/2011и 2011/12 продолжуваат градежните активности, така што се поставени алуминиумски прозорци во фискултурната сала, а е извршено и варосување и реконструкција на паркетот, адаптиран е просторот на холот во приземјето, со што е добиена уште една училница за целодневна настава и една канцеларија, а холот е продолжен до самиот влез на училишната зграда и е поставена тенда пред влезот; извршено е поплочување на холот и ходникот во приземјето на училиштето, како и на канцеларијата на секретарката; санирани се санитарните простории во делот за целодневна настава и помошната просторија во фискултурната сала; извадена е уништената ограда во делот зад училишната зграда и просторот е расчистен со багери и подготвен за поставување нова ограда; една училница од целодневна настава е проширена, саниран е подот на две училници од целодневна настава и на кабинетот по техничко образование, кој воедно е и целосно реновиран. Оваа учебна година со донација на општина Кисела Вода започнато е реновирање на училишните тоалети во централното училиште.

Мал е бројот на училишта како нашето, кои можат да се пофалат со толку долго и непрекинато вршење на работата во воспитно-образовниот процес, која трае веќе половина век. 

ООУ КРУМЕ КЕПЕСКИ

ул. Христо Татарчев бр. 46
Општина Кисела Вода
Скопје
1000
Република Македонија
+389.22777500

 

 

© 2016 OOUKRUMEKEPESKI. All Rights Reserved.